Нов Завет

2 Петар 1:7-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. на побожноста додајте и љубов спрема сите христијани, а кон сето тоа додајте несебична љубов спрема секого.

8. Ако ги имате ваквите доблести во изобилие, ќе покажете дека вашето познавање на нашиот Господ Исус Христос ве има направено корисни и плодоносни.

9. Кој ги нема овие доблести, тој е слеп, или кратковид, и заборавил дека Бог го исчисти од неговите стари гревови.

10. Затоа, драги пријатели христијани, потрудете се да покажете дека Бог навистина ве повикал и ве одбрал. Правејќи го ова, никогаш нема да се сопнете и да паднете.

11. Тогаш Бог широко ќе ви ги отвори портите на небото за да влезете во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

12. Знам дека вие веќе сега сте цврсто втемелени во вистината и добро ги знаете овие нешта, но сепак јас секогаш ќе настојувам да ве потсетувам.

13. Се додека сум во овој „шатор“, моето смртно тело, сметам дека ми е должност да ве потсетувам.

14. Нашиот Господ Исус Христос ми покажа дека моите дни овде на Земјава се изброени и јас брзо ќе го напуштам овој шатор.

15. Затоа ќе направам се што зависи од мене, та и по моето заминување вие да ги помните овие нешта.

16. Кога ви кажувавме за силата на нашиот Господ Исус Христос и за Неговото повторно доаѓање, ние не се служевме со лукаво смислени прикаски! Ние со свои очи ја видовме Неговата величественост!

17. Тој прими чест и слава од Бог Таткото кога Божјиот славен, величествен глас се спушти од небото кон Него: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец, со Него сум целосно задоволен.“

18. Кога се случи тоа ние бевме таму, на светата гора, заедно со Исус и го слушнавме тој глас од небото.

19. Тоа уште повеќе не увери во вистинитоста на она што го претскажуваа пророците. Затоа, добро ќе сторите ако на нивните пораки гледате како на светало што свети во темнината, се додека не осамне денот кога Христос, ѕвездата Деница, ќе болсне во вашите срца.

20. Пред се треба да знаете дека ниту едно пророштво во Светото Писмо не е нечија самоволна објава,

21. бидејќи тие пророштва никогаш не биле дадени по желба на некој човек, туку Светиот Дух ги поттикнувал и водел Божјите луѓе да го зборуваат она што им било наложено од Бог.

Прочитајте целосна глава 2 Петар 1