Нов Завет

2 Петар 1:4-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Бог ни даде големи и скапоцени ветувања преку кои и вие можете да добиете божествена природа. Со неа ќе можете да им се противставите на вашите грешни страсти и да го избегнете погубното влијание на овој свет.

5. Затоа со сите сили потрудете се да ја унапредите својата вера. Додајте и добрина, на добрината додајте и знаење,

6. на знаењето додајте му самоконтрола, на самоконтролата додајте и трпеливост, на трпеливоста додајте и побожност,

7. на побожноста додајте и љубов спрема сите христијани, а кон сето тоа додајте несебична љубов спрема секого.

8. Ако ги имате ваквите доблести во изобилие, ќе покажете дека вашето познавање на нашиот Господ Исус Христос ве има направено корисни и плодоносни.

9. Кој ги нема овие доблести, тој е слеп, или кратковид, и заборавил дека Бог го исчисти од неговите стари гревови.

10. Затоа, драги пријатели христијани, потрудете се да покажете дека Бог навистина ве повикал и ве одбрал. Правејќи го ова, никогаш нема да се сопнете и да паднете.

11. Тогаш Бог широко ќе ви ги отвори портите на небото за да влезете во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

12. Знам дека вие веќе сега сте цврсто втемелени во вистината и добро ги знаете овие нешта, но сепак јас секогаш ќе настојувам да ве потсетувам.

13. Се додека сум во овој „шатор“, моето смртно тело, сметам дека ми е должност да ве потсетувам.

14. Нашиот Господ Исус Христос ми покажа дека моите дни овде на Земјава се изброени и јас брзо ќе го напуштам овој шатор.

15. Затоа ќе направам се што зависи од мене, та и по моето заминување вие да ги помните овие нешта.

16. Кога ви кажувавме за силата на нашиот Господ Исус Христос и за Неговото повторно доаѓање, ние не се служевме со лукаво смислени прикаски! Ние со свои очи ја видовме Неговата величественост!

17. Тој прими чест и слава од Бог Таткото кога Божјиот славен, величествен глас се спушти од небото кон Него: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец, со Него сум целосно задоволен.“

Прочитајте целосна глава 2 Петар 1