Нов Завет

2 Коринтјаните 7:10-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Бог може да ја употреби жалоста во нашите животи за да ни помогне да се оттргнеме од гревот и да бараме спасение. Ако сте доживеале таква жалост, не треба да ви биде криво. Опасна е жалоста што не води кон покајание, бидејќи таа води во смрт.

11. Видете колку позитивно се одрази на вас таа жалост од Бога! Ве направи многу поотворени и поревносни да покажете дека не сте виновни. Каква огорченост, каква тревога, каква желба, грижа и решителност да се казни прекршителот! Со сето ова покажавте дека во однос на таа работа вие сте чисти.

12. Зашто, кога ви го напишав тоа писмо, не ми беше намерата да го обвинам оној што направил прекршок, ниту да го бранам оној што бил онеправдан. Ви напишав за да ви покаже Бог колку сте приврзани кон нас.

13. Тоа навистина не охрабри. Не само што ова не охрабри, туку уште повеќе не зарадува тоа што Тит се врати радосен. Сте му покажале дека нема причина да биде загрижен.

14. Сето она за што сум ве фалел пред него се потврди како вистина и не ме посрамивте. Секогаш сум ја зборувал вистината за вас, па така и тоа што ве фалев пред Тит се потврди дека е вистина.

15. Кога Тит видел колку сте вие послушни, со колкава страхопочит и трепет во срцето сте го пречекале, тој уште повеќе ве засака.

16. Многу сум радосен што можам да имам целосна доверба во вас.

Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 7