Нов Завет

2 Коринтјаните 4:7-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Но ова скапоцено богатство го носиме во обични земјани садови, односно во нашите смртни тела. Така на сите им е јасно дека оваа величествена сила доаѓа од Бог, а не од нас.

8. Од сите страни сме притиснати, но не сме поразени. Понекогаш сме збунети, но не сме без надеж.

9. Прогонувани сме, но Бог не не оставил. Не соборуваат наземи, но не сме уништени.

10. Преку страдањата на овие наши тела, ние постојано учествуваме во смртните страдања на Исус, за да се види и Неговиот живот во нашите тела.

11. Живееме под постојани закани дека ќе не убијат поради тоа што проповедаме за Исус, за да може Исусовиот живот да се пресликува во нашите смртни тела.

12. И така, додека смртта си ја покажува силата против нас, вечниот живот ја покажува својата сила во вас.

13. Ние ќе продолжиме да проповедаме, бидејќи и ние ја имаме истата вера што ја имал псалмистот кога рекол: „Верував во Бог и затоа зборував.“

14. Знаеме дека истиот оној Бог, Кој Го воскресна Господ Исус, и нас ќе не воскресне. Потоа, и нас и вас, заедно со Исус, ќе не доведе кај Себе.

15. Сето ова е за ваша полза. Така се повеќе и повеќе луѓе ќе дознаваат дека Бог дарежливо им е благонаклонет и ќе Му искажуваат благодарност, а Бог се повеќе ќе се прославува.

16. Затоа ние не се обесхрабруваме. Иако нашите тела постепено пропаѓаат, духот во нас секојдневно се обновува.

17. Овие мали и привремени тешкотии низ кои минуваме ќе ни донесат неизмерна слава што ќе трае вечно.

18. Затоа ние не се сосредоточуваме на она што сега се гледа, туку на придобивките што допрва ќе се видат. Зашто се што е сега видливо е привремено, а тоа што еден ден ќе го видиме е вечно.

Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 4