Нов Завет

2 Коринтјаните 2:5-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Не претерувам ако речам дека човекот што ја направи целава оваа невола повеќе ве нажали сите вас, отколку мене.

6. Но повеќето од вас се усогласивте по ова прашање и казната што му ја изрековте е доволна.

7. Сега треба да му простите и да го утешите, за да не биде толку повреден што нема да биде во состојба духовно да се врати и да закрепне.

8. Затоа, ве молам, покажете му на тој човек дека се уште го сакате!

9. Ви го пишувам ова бидејќи сакам да ве проверам и да видам дали сте подготвени да се придржувате до сите мои упатства.

10. А на тој на кого вие ќе му простите, му простувам и јас. А тоа што јас веќе сум простил, ако воопшто сум имал нешто за простување, тоа е за ваша полза пред Христос.

11. Ако не постапуваме така, Сатаната ќе не надмудри, а знаеме какви се неговите намери!

12. Кога пристигнав во Троада за да ја проповедам Радосната вест за Христос, видов како Господ пред мене отвора ново поле за работа.

13. Но немав душевен мир, бидејќи мојот драг пријател Тит не се беше вратил откај вас. Затоа, се збогував со луѓето во Троада и заминав за Македонија, за таму да се сретнам со Тит.

14. Но, благодарни сме Му на Бог, Кој, на чело со Христос, секогаш не води во победа. Преку нас Тој насекаде ја шири вистината за Христос, како што се шири миризливоста од пријатен мирис.

15. За Бог ние сме како пријатен мирис што го приближува Христос кон сите: и кон оние што Го прифаќаат и се спасуваат, и кон оние што Го одбиваат и пропаѓаат.

16. За жал, на оние што Го одбиваат Христос, овој мирис ќе им биде смртна пресуда. На оние, пак, што Го прифаќаат Христос, ние сме им како најпријатен мирис што им носи вечен живот. Кој е способен да извршува ваква служба?

Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 2