Нов Завет

2 Коринтјаните 11:9-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Никого од вас не обременував кога запаѓав во скудност. За моите потреби се погрижија браќата од Македонија. Внимавав, а и понатаму ќе внимавам, никому од вам да не му бидам на товар.

10. Како што цврсто ја имам вистината за Христос во себе, така цврсто ви велам дека никој не ќе може да ме спречи со гордост да зборувам за ова по цела Ахаја!

11. Зошто го велам ова? Зар затоа што не ве сакам? Бог знае дека искрено ве сакам.

12. Ќе продолжам и во иднина да работам онака како што работев и досега, за да не им дадам можност на тие други ?апостоли‘ да се изедначуваат со нас и да се фалат дека се исти како нас.

13. Тие се лажни апостоли! Се служат со измами и се преправаат во апостоли на Христос.

14. Немојте да се чудите на ова! И самиот Сатана може да се преправа во ангел на светлината!

15. Тогаш не е необично ако и неговите слуги се преправаат во службеници на праведноста. Но на крајот тие ќе си ја добијат казната што ја заслужиле со своите зли постапки.

16. Ќе повторам: не би сакал никој од вас да смета дека сум неразумен! Но ако е веќе така, ислушајте ме како неразумен, па барем да можам малку сам себеси да се пофалам!

Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 11