Нов Завет

2 Коринтјаните 11:13-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Тие се лажни апостоли! Се служат со измами и се преправаат во апостоли на Христос.

14. Немојте да се чудите на ова! И самиот Сатана може да се преправа во ангел на светлината!

15. Тогаш не е необично ако и неговите слуги се преправаат во службеници на праведноста. Но на крајот тие ќе си ја добијат казната што ја заслужиле со своите зли постапки.

16. Ќе повторам: не би сакал никој од вас да смета дека сум неразумен! Но ако е веќе така, ислушајте ме како неразумен, па барем да можам малку сам себеси да се пофалам!

17. Самофалбата е нешто што Господ не го сака и затоа се чувствувам неразумно.

18. Но кога веќе толку многу луѓе се фалат со своите човечки достигања, ќе се пофалам и јас.

19. Впрочем, иако вие се сметате за мудри, со задоволство ги слушате неразумните!

20. Не ви пречи кога некој ве третира како робови, ве искористува, ве ограбува, ве понижува и ви удира шлаканици!

21. Се срамам што ние за вакви работи се покажавме неспособни! Знам дека е неразумно ова што ќе го кажам, но ако некој има смелост така да се фали, имам смелост и јас.

22. Тие биле Евреи! Па и јас сум! Биле Израелци! Па и јас сум! Биле потомци на Авраам! Па и јас сум!

23. Му служеле на Христос! Глупаво е што самиот за себе вака зборувам, но јас многу повеќе Му служам на Христос, многу повеќе работам, поради што многу почесто ме затвораат, ме тепаат и ми се закануваат со смрт!

24. Петпати сум камшикуван од Евреите, по триесет и девет удари со камшик!

25. Трипати сум тепан со стапови, еднаш сум каменуван, трипати сум преживеал бродоломи, цел ден и цела ноќ сум поминал во вода, на отворено море.

26. Често патував, и бев изложен на опасности од надојдени реки и од разбојници. Изложен сум на опасности и од моите сонародници, Евреите, и од паганите. Изложен сум на опасности и во град и во дивина, и на море. Изложен сум на опасности од лажни пријатели.

27. Работам, се мачам, минувам бессони ноќи, гладен, жеден, постам, ѕемнам без доволно облека.

28. И покрај се што ме притиска, јас секојдневно се грижам за сите цркви.

29. Се случило ли некој да го фати слабост, а јас да не сочувствувам со него? Се случило ли некој да застрани, а јас да не согорувам?

30. Ако веќе морам да се фалам, ќе се фалам со она што ја покажува мојата немоќ.

31. Бог, Таткото на Господ Исус, Кому Му припаѓа вечна слава, знае дека не лажам.

32. Кога бев во Дамаск, управникот на царот Арета постави стража до градските порти за да ме уапси.

Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 11