Нов Завет

1 Солунјаните 4:9-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Нема потреба да ви пишувам дека треба да се сакате еден со друг. Самиот Бог веќе ве научи како да се сакате,

10. и вие веќе ја покажавте својата љубов спрема сите христијани во цела Македонија. Сакам само да ве охрабрам, драги пријатели, таа љубов кај вас уште повеќе да расте.

11. Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа, да си заработувате за живејачка, како што и ве учевме.

12. Така и тие што не се христијани ќе ве почитуваат, а вие нема да зависите од никого.

13. Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж.

14. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус.

15. Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите.

16. Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат;

17. потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него.

18. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.

Прочитајте целосна глава 1 Солунјаните 4