Нов Завет

1 Коринтјаните 9:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Зар јас немам иста слобода како другите? Зар јас не сум апостол? Зар лично не сум Го видел нашиот Господ Исус? Зар не поверувавте во Господ преку мојот труд?

2. Ако за некои не сум апостол, за вас сигурно сум! Вие сте, всушност, жив доказ дека јас сум апостол на Господ.

3. Мојата одбрана пред оние што го доведуваат во прашање мојот авторитет како апостол гласи:

4. Зар јас и Барнаба немаме право на храна и вода во вашите домови?

5. Зар ние немаме право да се ожениме со христијанки и да ги водиме со нас, како што прават другите апостоли, браќата на Господ, па и Петар?

6. Зар само јас и Барнаба мораме самите да се издржуваме додека проповедаме?

7. Кој војник сам си ги плаќа трошоците на своето служење? Кој одгледува лозје, а не јаде од неговиот род? Кој пасе овци, а не пие млеко од нив?

8. Не го зборувам тоа само од човечка гледна точка. Зар и Божјиот Закон не го вели истото?

9. Во Мојсеевиот Закон е запишано: „Не врзувај му ја устата на добитокот што врши жито.“ Бог сигурно не мисли тука првенствено на добитокот.

10. Зар тоа не е кажано за нас? Како што им следува надомест на оној што ора и на оној што врши, така им следува и на оние што се духовни работници.

11. Ако ние во вас посадивме духовни добра, зар е голема работа ако за возврат добиеме дел од вашите материјални добра?

12. Ако други луѓе имаат такво право на издршка од вас, зар ние не сме позаслужни од нив? Сепак, ние не го искористивме тоа право. Поднесуваме се, само да не создаваме пречки за ширењето на Радосната вест од Христос.

13. Зар не знаете дека оние што ги извршуваат светите служби во храмот се издржуваат од подароците донесени во храмот, а и оние што служат на жртвеникот добиваат дел од принесеното?

14. Така Господ определи и оние што ја проповедаат Радосната вест, од тоа да се издржуваат.

15. Сепак, јас не искористив ниту едно од овие права и не ви го пишувам ова за да барам од вас издршка. Попрво ќе умрам, ама нема да дозволам некој да ми ја уништи репутацијата дека работам без надомест.

16. Тоа што ја проповедам Радосната вест не го сметам за причина да се фалам. Се чувствувам должен тоа да го работам и тешко мене ако не ја проповедам Радосната вест!

17. Да го работев тоа по моја лична определба, ќе заслужував надомест. Но за мене тоа е обврска што Бог ми ја довери.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 9