Нов Завет

1 Коринтјаните 7:7-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Би сакал секој човек да биде самостоен, како што сум јас. Но не сме сите исти. Бог некого дарувал да живее во брак, а друг да живее како самец.

8. На неженетите и на оние чиј брачен другар починал, им препорачувам: да останат самостојни, како што сум и јас.

9. Но, ако не можат да издржат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се во брак, отколку страста постојано да гори во нив.

10. На оние што се во брак им заповедам да не се разведуваат. Тоа не е заповед од мене, туку од Господ. Жената нека не се разведува од својот сопруг.

11. Ако сепак се разведе, да не стапува во нов брак, или нека му се врати на својот маж. Истото важи и за мажите: да не се разведуваат од своите сопруги.

12. На другите можам да им дадам мој совет. Тоа не е заповед од Господ, туку мој личен совет. Ако некој христијанин има сопруга што не е христијанка и таа сака да живее со него, нека не ја остава.

13. Така, и ако христијанка има сопруг што не е христијанин и тој сака да живее со неа, нека не го остава,

14. бидејќи жената христијанка му носи светост на својот брак, па со тоа и на мажот, иако тој не е христијанин. Така е и кога мажот е христијанин, а неговата сопруга не е; тој му носи светост на својот брак, а со тоа и на својата сопруга. Кога не би било така, вашите деца би биле нечисти, а сега тие се свети.

15. Ако брачниот другар што не е христијанин сака да се разведе, нека си оди. Во таков случај, не сте должни да живеете во постојани расправии, зашто Бог сака Неговите деца да живеат во мир.

16. Впрочем, можете ли да бидете сигурни дека ќе успеете да го убедите вашиот брачен другар да стане христијанин и да се спаси?

17. Секој нека остане во ситуацијата во која Господ го избрал, кога Бог го повикал да поверува. Ова правило го кажувам по сите цркви.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 7