Нов Завет

1 Коринтјаните 3:7-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Не треба да се велича ни тој што сее, ни тој што полева, туку Бог, Кој овозможува семето да порасне.

8. Оној што сее и оној што полева работат еднакво важни задачи и секој од нив ќе добие награда соодветна на вложениот труд.

9. И Аполос и јас работиме за Бог, а вие сте Божја нива, Божја градба, а не наша.

10. Користејќи ја дарбата што Бог милостиво ми ја даде, јас, како и секој мудар ѕидар, најпрво го поставив темелот, а други по мене ќе градат врз него. Но секој мора да внимава како ќе гради!

11. Никој не смее да поставува друг темел, зашто тој е веќе поставен, а тоа е Исус Христос!

12. Врз тој темел, некој ќе ѕида со злато, со сребро или со скапоцени камења, а друг со дрво, со сено или со слама.

13. Но ќе дојде ден, кога сечие дело ќе излезе на видело! Секое дело, на секој христијанин, ќе биде проверено низ оган, за да му се утврди вистинската вредност.

14. Ако делото издржи, градителот ќе добие награда;

15. ако, пак, делото изгори, градителот ќе се соочи со голема загуба. Ќе се спаси, но како некој што поминал преку оган!

16. Зар не сфаќате дека вие сте Божјиот храм и дека Божјиот Дух живее во вас?

17. Ако некој го урива Божјиот храм, Бог него ќе го разурне, бидејќи Божјиот храм е свет. Тој храм сте вие, христијаните.

18. Никој нека не се залажува! Ако некој од вас се смета за мудар според мерилата на овој свет, треба да се ослободи од таквата самоувереност, за да може да стане мудар според Божјите мерила.

19. Зашто мудроста на овој свет е рамна на лудост пред Бог! Во Светото Писмо пишува: „Бог ги лови самоуверените мудреци во стапицата на нивното сопствено лукавство!“

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 3