Нов Завет

1 Коринтјаните 3:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги мои, додека бев кај вас, јас не можев да ви зборувам како на духовно зрели христијани. Ви зборував како на телесни луѓе, како на луѓе што во Христовата вера се новороденчиња.

2. Ве хранев со млеко, а не со тврда храна, бидејќи се уште не бевте способни да ја примате. За жал, ни сега не сте способни.

3. Се уште сте телесни, како луѓето од овој свет, штом си завидувате и се карате. Зар со тоа не докажувате дека сте исти како луѓето што не се христијани?

4. Едни од вас велат дека се Павлови следбеници, а други дека се следбеници на Аполос. Зар тоа не покажува дека сте како и сите други, телесни луѓе?

5. Кој е Аполос? Кој е Павле? Вреди ли заради нас да се карате? Ние сме само Божји слуги преку кои поверувавте. Секој од нас си ја извршуваше задачата дадена од Господ.

6. Јас сеев, Аполос полеваше, но Бог овозможи семето да порасне.

7. Не треба да се велича ни тој што сее, ни тој што полева, туку Бог, Кој овозможува семето да порасне.

8. Оној што сее и оној што полева работат еднакво важни задачи и секој од нив ќе добие награда соодветна на вложениот труд.

9. И Аполос и јас работиме за Бог, а вие сте Божја нива, Божја градба, а не наша.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 3