Нов Завет

1 Коринтјаните 14:25-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

25. Додека слуша, ќе му бидат разоткриени тајните на неговото срце, па ќе клекне на колена и ќе Му се помоли на Бог, признавајќи дека Бог навистина е овде, меѓу вас.

26. Значи, што барам јас од вас, драги пријатели христијани? На вашите собранија, некој ќе сака да каже псалм, некој поука, некој нешто што Му е откриено од Бог, некој ќе зборува на непознат јазик, друг ќе го преведува. Сите тие нешта треба да бидат за ваша духовна изградба.

27. Ако некои посакаат да зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца и тоа еден по еден, а некој нека ги преведува.

28. Ако нема кој да ги преведува, нека не зборуваат јавно во црквата, туку приватно, пред Бог.

29. И кога се пророкува, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека размислуваат за кажаното.

30. Ако некој од учесниците добие откровение од Бог, оној што зборува тогаш треба да заврши, па да почне другиот да зборува.

31. Така сите што пророкуваат ќе можат да зборуваат, но само еден по еден, за сите да можат да научат нешто и да се охрабрат.

32. Зашто и луѓето што пророкуваат треба да се воздржуваат и да си го чекаат својот ред!

33. Бог не сака безредие, туку сака се да се одвива во ред и мир, како што е во сите христијански цркви.

34. Жените не треба да говорат на богослужбите. Тие треба да молчат и да слушаат, како што наложува Мојсеевиот Закон.

35. Ако нешто не им е јасно, нека ги прашаат дома своите мажи. На жена не и прилега да говори на богослужба.

36. Божјото слово, драги христијани во Коринт, ниту започна од вас, ниту завршува кај вас!

37. Ако некој се смета за пророк или за духовен човек, ќе сфати дека овие работи што ви ги напишав се заповеди од Господ.

38. Ако некој го отфрла ова, Господ ќе го отфрли него!

39. Така, драги мои, бидете желни да пророкувате. Не забранувајте го зборувањето на непознати јазици,

40. но се мора да се прави пристојно и уредно!

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 14