Нов Завет

1 Коринтјаните 10:19-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Што сакам да кажам со ова? Дали идолите на кои паганите им принесуваат жртви се вистински богови и дали од тие жртви има некаква придобивка?

20. Се разбира, не! Она што тие го принесуваат како жртва им го принесуваат на демоните, а не на Бог, а јас не сакам вие да општите со демони.

21. Не може да пиете од чашата на Господ, а потоа и од чашата на демоните! Не може да седите на Господовата трпеза, а потоа и на демонската трпеза!

22. Зар ќе предизвикуваме љубомора кај Господ? Зар сме ние посилни од Него?

23. Велите: „Имаме слобода да правиме што сакаме!“ Да, но не е се полезно! Иако имаме слобода да правиме што сакаме, не придонесува се за наше изградување!

24. Ниеден од нас не треба да ги гледа само своите интереси, туку да водиме сметка и за другите луѓе.

25. Еве како треба да постапувате. Слободно јадете од секое месо што се продава на пазар, без да се распрашувате дали било наменето за идоли; така нема да ве гризе совеста.

26. А Светото Писмо вели: „Господова е Земјата и се што ја исполнува.“

27. Ако некој што не е христијанин ве покани на вечера и вие сакате да одите, одете слободно. Јадете од се што ќе ви биде принесено, без да се распрашувате дали таа храна била наменета како принос за идоли; така нема да ве гризе совеста.

28. Но ако некој ве предупреди и ви рече: „Таа храна е од приноси на идоли“, тогаш немојте да јадете, заради совеста на тој што ви го рекол тоа.

29. Значи, не заради вашата совест, туку заради совеста на тој што ве предупредил. Можеби некој ќе рече: „Зошто мојата слобода да биде ограничена од тоа што им ја обременува совеста на други луѓе!?

30. Ако јас Му се заблагодарувам на Бог за она што го јадам, зошто некој да ме напаѓа поради тоа што го јадам!?“

31. Но дури и јадењето, пиењето, па и секоја наша постапка треба да биде за Божја слава.

32. Затоа, немојте да ги соблазнувате ни Евреите, ни другите народи, ни оние што и припаѓаат на Божјата Црква.

33. Правете како што правам јас: на сите се обидувам да им угодам и не правам онака како што би било најдобро за мене, туку пред се, мислам на другите луѓе. Така постапувам затоа што сакам тие да се спасат.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 10