Нов Завет

1 Коринтјаните 10:12-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Затоа, секој што мисли дека е цврст спрема искушенијата, нека внимава да не потклекне.

13. Искушенијата ги сполетуваат сите луѓе, но тие не се над вашите сили. Тој нема да дозволи да бидете искушувани повеќе отколку што можете да поднесете. А за секое искушение ќе ви покаже излез и ќе ви даде сили да се одбраните.

14. Затоа, драги мои, пазете се од идолопоклонство.

15. Вие сте разумни луѓе и самите можете да расудите за ова што ќе ви го кажам.

16. Кога на Господовата вечера пиеме од чашата над која молиме Божји благослов, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовата крв? Кога го кршиме лебот и го јадеме, не земаме ли учество во придобивките што произлегуваат од Христовото тело?

17. Со тоа што јадеме од еден ист леб покажуваме дека сите ние сме едно тело.

18. Погледнете ги Израелците како народ. Тие, јадејќи од жртвите принесени на еден ист жртвеник, покажуваат дека се еден народ.

19. Што сакам да кажам со ова? Дали идолите на кои паганите им принесуваат жртви се вистински богови и дали од тие жртви има некаква придобивка?

20. Се разбира, не! Она што тие го принесуваат како жртва им го принесуваат на демоните, а не на Бог, а јас не сакам вие да општите со демони.

21. Не може да пиете од чашата на Господ, а потоа и од чашата на демоните! Не може да седите на Господовата трпеза, а потоа и на демонската трпеза!

22. Зар ќе предизвикуваме љубомора кај Господ? Зар сме ние посилни од Него?

23. Велите: „Имаме слобода да правиме што сакаме!“ Да, но не е се полезно! Иако имаме слобода да правиме што сакаме, не придонесува се за наше изградување!

24. Ниеден од нас не треба да ги гледа само своите интереси, туку да водиме сметка и за другите луѓе.

25. Еве како треба да постапувате. Слободно јадете од секое месо што се продава на пазар, без да се распрашувате дали било наменето за идоли; така нема да ве гризе совеста.

26. А Светото Писмо вели: „Господова е Земјата и се што ја исполнува.“

27. Ако некој што не е христијанин ве покани на вечера и вие сакате да одите, одете слободно. Јадете од се што ќе ви биде принесено, без да се распрашувате дали таа храна била наменета како принос за идоли; така нема да ве гризе совеста.

28. Но ако некој ве предупреди и ви рече: „Таа храна е од приноси на идоли“, тогаш немојте да јадете, заради совеста на тој што ви го рекол тоа.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 10