Нов Завет

1 Коринтјаните 10:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги мои, сакам да ве потсетам на нашите предци кога патуваа низ пустината. Бог ги водеше, испраќајќи подвижен облак да ги води; сите безбедно минаа преку морето.

2. Како следбеници на Мојсеј, тие беа крстени во морето, со Божјиот облак над нив.

3. Сите ја јадеа истата храна што ја добиваа на чудотворен начин,

4. сите ја пиеја истата вода што потече за нив на чудотворен начин, зашто тие пиеја од духовната Карпа која ги придружуваше. Таа „Карпа“ беше Христос.

5. Сепак, со повеќето од нив Бог не беше задоволен. Затоа тие изумреа, а нивните тела останаа расфрлени по пустината.

6. Тоа што им се случи е поука за нас, за да не посакуваме зли нешта, како што посакуваа тие,

7. да не станеме идолопоклоници, како што станаа некои од нив. За ова во Светото Писмо пишува: „Луѓето славеа со гозби и пијанки, а потоа заиграа пагански игри!“

8. Да не вршиме блуд, како што вршеа некои од нив поради што само во еден ден загинаа дваесет и три илјади души!

9. Да не Го предизвикуваме Господ, како што некои од нив Го предизвикуваа, па загинаа каснати од змии.

10. Немојте да негодувате, како што некои од нив негодуваа, па Господ го испрати ангелот на смртта да ги погуби.

11. Ова што им се случи ним, треба да биде поука за нас. Тоа е запишано во Светото Писмо како предупредување за нас што живееме во овие последни денови.

12. Затоа, секој што мисли дека е цврст спрема искушенијата, нека внимава да не потклекне.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 10