Нов Завет

1 Јован 2:7-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Драги мои, јас не ви пишувам за да ви дадам некаква нова заповед. Ова е стара заповед што ви беше дадена уште од самиот почеток. Таа стара заповед - да имаме љубов еден спрема друг - е истата порака што ја чувте отпорано.

8. Сепак, таа заповед на некој начин е и нова, зашто нејзината вистинска смисла може да се согледа дури сега во Исус и во вас. Погледнете, темнината исчезнува, а вистинската светлина веќе свети!

9. Оној што тврди дека е на страната на светлината, а ги мрази другите христијани, тој се уште е на страната на темнината.

10. Оној што ги сака другите христијани, навистина живее во светлината и кај него нема ништо што би можело некого да наведе на грев.

11. Оној што ги мрази другите христијани е на страната на темнината, низ црна темнина оди и не знае каде ќе стигне, зашто темнината му ги заслепува очите.

12. Ви пишувам вам, чеда Божји, бидејќи вашите гревови се простени благодарејќи Му на Исус Христос.

13. Ви пишувам вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви пишувам вам, млади луѓе, бидејќи ја добивте битката против Злиот.

14. Ви напишав вам, деца, бидејќи вие Го спознавте Таткото. Ви напишав вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви напишав вам, млади луѓе, вие сте силни, зашто Божјото Слово живее во вас и вие ја добивте битката против Злиот.

15. Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема небесниот Татко.

16. Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има се што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од небесниот Татко, туку од овој свет.

17. А овој свет и световните похоти се краткотрајни; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно.

18. Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха.

19. Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа вистински дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи не, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас.

Прочитајте целосна глава 1 Јован 2