Стар Завет

Нов Завет

Софонија 3:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тешко му на непокорниот, на нечистиот град и на насилничкиот град!

2. Тој никогаш не чу повик, никогаш не прифати поправка; тој никогаш не Му се довери на Господа; никогаш не Му се приближи на Својот Бог.

3. Неговите кнезови се сред него - лавови кои рикаат; неговите судии - се вечерни волци, кои не оставаат ниедна коска до утрото,

4. неговите пророци се лекомислени, вистински лажливци, неговите свештеници го обесветуваат Светилиштето, го кршат Законот.

5. Сред него, Господ е праведен - Тој не прави неправда; секое утро го изнесува Својот суд на виделина, но беззаконикот не познава срам.

6. „Ги уништив народите, разурнати им се тврдините, ги запустив нивните улици: нема веќе минувачи! Разурнати се нивните градови: нема луѓе, нема жители!

7. Говорев: ‘Бој се само од Мене прими ја поправката’ и не ќе биде истребено неговото живеалиште и нема да го најде злото, што Јас го подготвив за него. Но тие брзо ги расипаа сите свои дела.

8. Затоа чекајте Ме Мене - говори Господ - до денот кога ќе станам како Обвинител, зашто Јас одредив да се соберат народите, да се зберат царствата, за да го излеам врз нив Својот гнев, сета горчина на Својата расрденост: во огнот на Мојата ревност ќе биде изгорена сета земја.

9. Ќе им дадам чисти усни на народите, за да можат сите да го повикуваат Господовото име и да Му служат еднодушно.

10. Од другиот брег на етиопските реки, Моите поклоници, расеани ќе ми принесуваат жртвени дарови.

Прочитајте целосна глава Софонија 3