Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 19:2-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. „Зборувај му на целото општество на Израелевите синови и речи им: ‘Бидете свети, зашто Сум свет Јас Господ, ваш Бог!

3. Бојте се секој од својата мајка и од својот татко; и пазете ги Моите саботи; Јас Сум Господ, ваш Бог!

4. Не обратувајте им се на идолите и не правете си леани богови. Јас Сум Господ, ваш Бог!’

5. ‘Кога ќе Му принесувате на Господа помирителна жртва, принесете ја така за да биде примена.

6. Изедете ја на денот на принесувањето или утреден. Што ќе остане за задутре нека биде изгорено во оган.

7. Ако се јаде од неа на третиот ден, ќе биде одвратно; а жртвата нема да биде примена.

8. А кој ќе јаде нека ги понесе последиците од гревот; зашто тој ја онечистил Господовата светина; таквиот нека биде истребен од својот народ!’

9. ‘Кога ќе жниете жетва во вашата земја, не дожневајте ги до крај вашите ниви; ниту собирајте ги класовите по вашата жетва.

10. Не бери го повторно твоето лозје; не собирај ги паднатите зрна во твоето лозје; туку остави ги за бедните и за странецот! Јас Сум Господ, ваш Бог.’

11. ’Не крадете; не лажете го и не мамете го својот ближен.

12. Не колнете се лажно во Моето име и не осквернувај го името на твојот Бог. Јас Сум Господ!

13. Не искористувај го твојот ближен, ниту го ограбувај! Платата на наемникот нека не остане кај тебе до утрото.

14. Не проколнувај го глувиот, ниту ставај пречка пред слепиот. Бој се од твојот Бог! Јас Сум Господ!’

15. ‘Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот: суди му по правда на твојот ближен!

16. Не разнесувај клевети меѓу твојот народ и не станувај против животот на твојот ближен. Јас Сум Господ!’

17. ‘Не мрази го твојот брат во твоето срце! Должност ти е да го кориш твојот ближен, така не ќе паднеш во грев заради него.

18. Не се одмаздувај и немај злоба кон синовите на твојот народ. Љуби го својот ближен како себеси. Јас Сум Господ!’

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 19