Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 10:17-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши три мини. Ги стави за чување во куќа наречена Ливанска Куќа.

18. Царот уште направи голем престол од слонови коски и го обложи со чисто злато.

19. Престолот имаше шест лествици, одзади на него имаше телешка глава, а од двете страни на седиштето беа рачки, а покрај рачките стоеја два лава.

20. Дванаесет лавови стоеја од обете страни на оние шест лествици. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство.

21. Сите садови од кои што пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата од Ливанските дрва беа од чисто злато; ништо не беше од сребро, зашто среброто се сметаше за безвредно во Соломоновото време.

22. Царот имаше тарсиски бродови на море заедно со Хирамовите бродови, и во секоја трета година тарсиските бродови доаѓаа, донесувајки злато, сребро и слонова коска, мајмуни и пауни.

23. Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви со богатство и со мудрост.

24. Сиот свет сакаше да го види Соломона и да ја чуе мудроста што Бог му ја всади во срцето.

25. Секој му донесуваше подарок: сребрени и златни посатки, облеки, оружје, мириси, коњи и мазги, од година во година.

26. Покрај тоа Соломон собра бојни коли и коњаници; имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњи, и ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим.

27. Соломон направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедри како диви смокви што растат во Сефела.

28. Соломон внесуваше коњи од Мусрија и од Кое: царевите набавувачи ги донесуваа од Кое за одредена цена.

29. Колите ги довезуваа од Египет по шест стотини сребрени шекели; а коњот се плаќаше по сто и педесет. Така преку набавувачите, хетитските и арамејските цареви го добиваа сè тоа.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 10