Стар Завет

Нов Завет

Откровение 19:11-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно.

12. Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него.

13. И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово.

14. А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа.

15. И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сèмоќниот.

16. А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.”

17. И видов еден ангел како стои на сонцето и извика со силен глас, зборувајќи им на сите птици, што летаат среде небото: „Дојдете и соберете се на големата Божја гозба,

18. да јадете месо од цареви и месо од војводи и месо од силни; и месо од коњи и од оние, кои седат на нив и месо од сите слободни и робови, и мали и големи.”

19. И го видов Ѕверот и земните цареви и нивните војски - собрани, за да војуваат против Оној, Кој седи на коњот и против Неговата војска.

20. И Ѕверот беше фатен, заедно со лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, со кои ги заведе оние, кои ја примија ознаката на Ѕверот и кои се клањаа на неговиот лик; и обајцата беа фрлени живи во огненото езеро, што гори со сулфур.

21. Другите пак беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот, и сите птици се наситија со нивното месо.

Прочитајте целосна глава Откровение 19