поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

Откровение 19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог,

2. зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.”

3. И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!”

4. И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!”

5. А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.”

6. И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сèмоќниот!

7. Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви,

8. и беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите.

9. И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.” Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!”

10. И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.”

11. И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно.

12. Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него.

13. И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово.

14. А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа.

15. И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сèмоќниот.

16. А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.”

17. И видов еден ангел како стои на сонцето и извика со силен глас, зборувајќи им на сите птици, што летаат среде небото: „Дојдете и соберете се на големата Божја гозба,

18. да јадете месо од цареви и месо од војводи и месо од силни; и месо од коњи и од оние, кои седат на нив и месо од сите слободни и робови, и мали и големи.”

19. И го видов Ѕверот и земните цареви и нивните војски - собрани, за да војуваат против Оној, Кој седи на коњот и против Неговата војска.

20. И Ѕверот беше фатен, заедно со лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, со кои ги заведе оние, кои ја примија ознаката на Ѕверот и кои се клањаа на неговиот лик; и обајцата беа фрлени живи во огненото езеро, што гори со сулфур.

21. Другите пак беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот, и сите птици се наситија со нивното месо.