Стар Завет

Нов Завет

Лука 6:28-46 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. Благословувајте ги оние, кои ве колнат; молете се за оние, кои ве навредуваат.

29. На оној, кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот; и на тој, кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај ни кошулата.

30. Дај му на секој, кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној, кој зема од тебе.

31. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним.

32. И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив.

33. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото.

34. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку.

35. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сèвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.

36. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив.

37. И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено!

38. Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.”

39. А им кажа и парабола: „Може ли слепец да води слепец? Зар не ќе паднат обајцата во јама?

40. Нема ученик над својот учител, секој кој ќе се усоврши ќе биде како Неговиот учител.

41. А зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око?

42. Како можеш да му речеш на брата си: ‘Брате, остави ме да ја извадам раската од твоето око!’ А сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!

43. Нема добро дрво што дава гнил плод; ниту гнило дрво што дава добар плод.

44. Зашто секое дрво се познава по својот род. Не се берат смокви од трње, ниту грозје од капина.

45. Добриот човек, од доброто сокровиште на своето срце, изнесува добро; а лошиот човек, од лошото сокровиште изнесува зло, зашто неговата уста зборува од она, што го преполнува неговото срце.

46. И зошто Ме нарекувате: ‘Господи! Господи!’ а не го правите она, што го велам?”

Прочитајте целосна глава Лука 6