Стар Завет

Нов Завет

Лука 23:6-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. А кога Пилат го чу тоа, праша дали е Тој Човек Галилеец.

7. И кога научи дека е од Иродовата област, Го испрати при Ирода, кој во тие денови - исто така - беше во Ерусалим.

8. А кога Ирод Го виде Исуса, се зарадува многу, дека одамна имаше желба да Го види; зашто беше слушал за Него и се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него.

9. И Му поставуваше многу прашања, но Тој не му одговори ништо.

10. А свештеничките главатари и книжниците стоеја и Го обвинуваа постојано.

11. Тогаш Ирод, со своите војници, Го презре и Му се наруга; Го облече во сјајна облека и Го испрати назад при Пилата.

12. Во истиот ден Пилат и Ирод се спријателија, зашто порано беа непријатели.

13. А Пилат ги свика свештеничките главатари, началниците и народот, и им рече:

14. ”Ми Го доведовте Овој Човек како Тој да го бунтува народот; а, еве, јас Го испитав пред вас и не најдов во Овој Човек никаква вина, за која Го обвинувате.

15. А ни Ирод, зашто Го прати назад при нас. И Овој не направил ништо, што заслужува смрт.

16. Затоа, ќе Го казнам и ќе Го ослободам.”

17. А требаше да им ослободи еден затвореник на празникот.

18. Но тие сите извикаа едногласно: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!”

19. Кој беше фрлен во темница, заради некаква буна во градот и заради убиство.

20. А Пилат им се обрати пак, сакајќи да Го ослободи Исуса;

21. но тие викаа, велејќи: „Распни Го! Распни!”

22. А тој им рече по третпат: „Та какво зло направил? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт. Затоа ќе Го ослободам, откако ќе Го казнам.”

23. Но тие навалуваа со голема викотница и бараа да биде распнат; а викањето на нив и на свештеничките главатари беше сè посилно.

24. Тогаш Пилат одлучи да го исполни нивното барање.

25. И им го пушти оној, кого го бараа, а кој беше фрлен во темница заради бунт и убиство; а Исуса им Го предаде на нивна волја.

Прочитајте целосна глава Лука 23