4. А Исус, знаејќи сè што ќе стане со Него, истапи и им рече: „Кого го барате?”
5. Му одговорија: „Исуса Назареецот.” Исус им рече: „Јас Сум.” А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник.
6. А кога им рече: „Јас Сум”, се тргнаа назад и паднаа на земјата.
7. Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?” А тие рекоа: „Исуса Назареецот!”
8. Исус им одговори: „Ви реков дека Сум Јас; и така, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!”
9. За да се исполни словото, што го рече: „Не изгубив ни еден од оние, кои си Ми ги дал.”
10. А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво; а името на слугата му беше Малх.
11. Тогаш Исус му рече на Петра: „Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја пијам чашата, што ми ја даде Мојот Татко?”
12. Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исуса и Го врзаа,
13. и Го одведоа првин при Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој беше првосвештеник во онаа година.
14. А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот.
15. По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор.
16. А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра.
17. Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?” Тој рече: „Не сум.”
18. А слугите и служителите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше.
19. Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука.
20. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно.
21. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.”