Стар Завет

Нов Завет

Јован 16:19-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’

20. Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост.

21. Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот.

22. Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе.

23. Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде.

24. Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.”

25. Ова ви го зборував во слики; доаѓа час кога нема да ви зборувам веќе во слики, туку ќе ви зборувам отворено за Таткото.

26. Во тој ден ќе барате во Мое име; и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас;

27. зашто Самиот Татко ве љуби, зашто вие Ме љубевте Мене и верувавте дека Јас Сум излегол од Бога.

28. Излегов од Таткото и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Таткото.”

29. Неговите ученици рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено, и не зборуваш во слики.

30. Сега знаеме дека знаеш сè и нема потреба некој да Те прашува; затоа веруваме дека си излегол од Бога.”

31. Исус им одговори: „Сега ли верувате?

32. Еве, иде часот, и веќе дојде, за да се разбегате секој на своја страна и да Ме оставите Мене Сам; но сепак не Сум Сам, зашто Татко Ми е со Мене.

33. Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Имате неволја во светот; но бидете храбри - Јас го победив светот.”

Прочитајте целосна глава Јован 16