Стар Завет

Нов Завет

Јован 10:15-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците.

16. И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир.

17. Таткото Ме љуби затоа, што Јас го давам Својот живот, за да го земам пак.

18. Никој не Ми го одзема, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак. Оваа заповед ја примив од Мојот Татко.”

19. Заради тие зборови пак настана раздор меѓу Јудејците.

20. Мнозина од нив велеа: „Опфатен е од демон и безумствува, зошто Го слушате?”

21. Други велеа: „Тоа не се зборови на опфатен од демон. Може ли демон да отвора очи на слепци?”

22. Тогаш во Ерусалим се празнуваше Посветување; беше зима.

23. А Исус одеше по Соломоновиот трем на Храмот.

24. Тогаш Јудејците Го опкружија и Му рекоа: „До кога ќе ни ја измачуваш душата? Ако си Ти Христос, кажи ни слободно!”

25. Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што Јас ги правам - во името на Мојот Татко - сведочат за Мене.

26. Но, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци.

27. Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам, и тие идат по Мене.

28. Јас им давам вечен живот и никако нема да загинат и никој нема да ги грабне од Мојата рака.

29. Мојот Татко - Кој ми ги даде - е поголем од сите, и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.

30. Јас и Татко Ми едно сме.”

31. Јудејците пак донесоа камења, за да Го убијат со камења.

Прочитајте целосна глава Јован 10