поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Стар Завет

Нов Завет

Филипќаните 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите:

2. благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа.

3. Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас;

4. непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост,

5. заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега.

6. Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса.

7. А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието.

8. Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса.

9. И затоа се молам вашата љубов да изобилува сè повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување,

10. за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов,

11. исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога.

12. А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието,

13. така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа,

14. и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово.

15. Навистина, едни Го проповедаат Христа од завист и љубов кон препирки, а други од добра волја;

16. едни од љубов, знаејќи дека лежам во окови за одбрана на Евангелието,

17. а други Го навестуваат Христа од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови.

18. Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам,

19. зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување,

20. согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт.

21. Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка.

22. Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам.

23. Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро,

24. но заради вас е попотребно да останам во телото.

25. И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата.

26. И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас.

27. Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието,

28. и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога,

29. зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него,

30. имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене.