поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Стар Завет

Нов Завет

Филипќаните 3 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И така, браќа мои, радувајте се во Господа! Мене не ми е здодевно да ви пишувам исто, а вам ви служи за безбедност.

2. Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезание!

3. Зашто, ние сме вистинското обрезание; ние, кои служиме со Божјиот Дух и се фалиме во Христа Исуса, а не се надеваме во телото,

4. иако и јас можам да се доверам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тоа јас, уште повеќе:

5. обрезан сум во осмиот ден, од Израелевиот род сум, од Венијаминовото племе, Евреин од Евреите; по закон - фарисеј;

6. по ревност - гонител на Црквата; по правдата на Законот бев беспрекорен.

7. Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа.

8. Во суштина, јас и сега сметам сè за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сè и сè сметам за отпад, за да Го придобијам Христа

9. и да се најдам во Него, немајќи своја правда, која доаѓа од Законот; туку по правдата, која доаѓа преку верата на Христа: правдата од Бога врз основа на верата,

10. за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт,

11. та некако да достигнам до воскресението од мртви.

12. Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе дојдов до совршенство - туку настојувам да го достигнам, зашто и мене Христос ме достигна.

13. Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав!

14. Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса.

15. И така, кои сме совршени мислиме вака; ако вие мислите и нешто поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа.

16. Но по она, до кое достигнавме, според истото правило и да бидеме едномислени!

17. Угледајте се на мене, браќа и гледајте на оние, кои одат онака, како што и вие имате пример во нас!

18. Зашто мнозина, за кои ви зборував многупати, а сега зборувам и со солзи одат како непријатели на крстот Христов.

19. Нивниот крај е погибел; нивниот бог е стомакот; нивната слава е во нивниот срам; тие мислат само на земното.

20. А нашето жителство е на небесата, од каде и Го очекуваме Спасителот, Господа Исуса Христа,

21. Кој ќе го преобрази нашето унизено тело, да се сообрази со Неговото славно тело, според дејствието на Неговата сила, со која може да покори сè под Себе.