10. А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!” А тој рече: „Еве ме, Господи!”
11. А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,” и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.”
12. И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа.
13. Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим.
14. И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.”
15. А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови;
16. Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.”
17. И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.”
18. И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен;
19. и прими храна, и закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск.
20. И веднаш Го проповедаше Исуса по синагогите, дека е Тој Божји Син.
21. А сите кои го слушаа, се восхитуваа и велеа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги истреби оние, кои го повикуваа ова Име, и зар не дојде ваму, за да ги поведе врзани пред свештеничките главатари?”
22. Но Савле беше сè посилен и ги збунуваше Јудејците, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој Исус е Месија - Помазаник.
23. И кога минаа многу дни, Јудејците се одлучија да го убијат.