12. за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; за да не би се обратиле некогаш, па да им се простат гревовите.“
13. И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи?
14. Сејачот го сее словото.
15. Посеаното покрај патот се оние, кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го грабе словото, посеано во срцата нивни.
16. Исто така и посеаното на каменито место се оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,
17. но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.
18. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,
19. но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога ќе се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно.
20. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.“
21. И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник?
22. Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело.
23. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“
24. И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде, вам што слушате.
25. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“
26. Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,
27. па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае.