24. Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!
25. Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!
26. Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нивните татковци така им правеа на лажните пророци!
27. Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;
28. благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат!
29. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата.
30. Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!
31. Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!
32. И ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците ги љубат оние што нив ги љубат.
33. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците го прават истото.