20. А Тој, штом ја виде верата нивна, му рече: „Човеку, ти се простуваат гревовите твои!“
21. Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат во себе и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да простува гревови, освен Единиот Бог?“
22. А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: „Што размислувате во срцата свои?
23. Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите твои‘, или да кажам: ‚Стани и оди?‘
24. Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите“, му рече на фатениот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
25. И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога.
26. Ужас ги обзеде сите и Го славеа Бога; па, исполнети со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!“
27. А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој седеше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“
28. Тој остави сѐ, стана и тргна по Него.
29. И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив.
30. Книжниците нивни и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“
31. Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
32. не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“
33. А тие Му рекоа: „Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?“
34. Тој им рече: „Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот?
35. Но ќе дојдат дни кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш во тие дни, ќе постат.“