1. Вие, господари, бидете справедливи спрема слугите свои и давајте им го она што е правично, зашто знаете дека и вие имате Господар на небесата!
2. Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност!
3. Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови,
4. та да ја откријам, како што треба да зборувам!
5. Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето!
6. Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!
7. Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и соработник во Господ,
8. кого нарочно поради тоа го испратив кај вас за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши,
9. заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сѐ што станува овде.
10. Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде кај вас, примете го.
11. Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха.
12. Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исус Христос, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја.
13. Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Јерапол.
14. Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас.
15. Поздравете ги браќата во Лаодикија, и Нимфана, и неговата домашна црква!
16. Откако ова послание ќе биде прочитано кај вас, потрудете се да биде прочитано и во лаодикиската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие.
17. Кажете му на Архип: „Гледај ја службата, што си ја примил во Господ да ја извршуваш!“
18. Своерачен поздрав од мене, Павле. Помнете ги оковите мои! Благодат меѓу сите вас. Амин!
Прочитајте целосна глава Колосјаните 4