22. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очистиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода.
23. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал.
24. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,
25. не изостанувајќи од собранијата како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.
26. Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,
27. туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците.
28. Ако оној што го прекршил Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт,
29. тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?
30. Зашто ние Го знаеме Оној што рекол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“
31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
32. Потсетувајте се на вашите поранешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата,
33. било затоа што бевте изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои исто така страдаа,
34. зашто и на оковите мои се сожаливте и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.
35. И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда.
36. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното;
37. зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни.
38. А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува.“
39. Ние, пак, не сме од оние што отстапуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат.