14. Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави.
15. Сè што има Таткото - Мое е; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви јави.”
16. Уште малку и веќе не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите.
17. А некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што е тоа, што ни вели: ‘Уште малку, и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ и ‘Си одам при Мојот Татко?’
18. И си зборуваа: „Што е тоа ‘малку’ за кое зборува? Не знаеме што зборува!”
19. Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’
20. Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост.
21. Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот.
22. Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе.
23. Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде.
24. Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.”
25. Ова ви го зборував во слики; доаѓа час кога нема да ви зборувам веќе во слики, туку ќе ви зборувам отворено за Таткото.
26. Во тој ден ќе барате во Мое име; и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас;
27. зашто Самиот Татко ве љуби, зашто вие Ме љубевте Мене и верувавте дека Јас Сум излегол од Бога.