15. А кога Му беше по волја на Оној, Кој ме оддели од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат,
16. да Го открие во мене Својот Син, за да Го проповедам меѓу народите, не се посоветував веднаш со тело и крв,
17. ниту отидов горе во Ерусалим кај оние, кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18. А на три години потоа отидов горе во Ерусалим, за да го видам Петар, и останав при него петнаесет дена.
19. А некој друг од апостолите не видов, освен Јаков, братот Господов.
20. А пак што ви пишувам, еве пред Бога велам дека не лажам.
21. Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија.
22. А на црквите во Јудеја кои се во Христа, лично им бев уште непознат,
23. тие беа само слушале: „Оној, кој некогаш нè гонеше, сега ја проповеда верата, која некогаш ја разурнуваше.”
24. И го славеа Бога во мене.