5. Преку вера Енох беше пренесен така, да не ја види смртта, и веќе не се најде, зашто Бог го зеде; зашто, пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.
6. А без вера не е можно да Му се угоди, зашто кој Му пристапува на Бога треба да верува дека има Бог и дека ги наградува оние кои Го бараат.
7. Преку вера Ное беше известен за она што уште не се гледаше, поттикнат од стравопочитување, приготви ковчег за спасение на својот дом; со неа го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера.
8. Преку вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и излезе не знаејќи каде оди.
9. Преку вера се насели во земјата на ветувањето, како во туѓа и се настани во шаторите заедно со Исака и Јакова, сонаследници на истото ветување,
10. зашто бараше град со основи, кому Бог му е Градител и Творец.
11. Преку вера и самата Сара доби сила да зачне, во напредната возраст откако Го сметаше за верен Оној, Кој и беше ветил.
12. Затоа од еден и тоа речиси мртов, се намножи многу народ „како небесните ѕвезди и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи.”
13. Сите овие умреа во вера, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и придојденици на земјата.
14. Зашто, кои зборуваат така, покажуваат дека ја бараат родината.
15. И ако при тоа мислеле на онаа, од која излегле, имаа време да се вратат;
16. но сега, копнеат по подобра, односно по небесната. Затоа Бог не се срами од нив, да се нарече нивни Бог, зашто им приготвил град.