14. Зашто секогаш кога незнабошците, кои немаат Закон, природно ги извршуваат одредбите на Законот, тогаш тие, иако немаат Закон, се Закон на самите себе;
15. тие докажуваат дека делото на Законот е запишано во нивните срца, за што сведочи и нивната совест, а и нивните внатрешни размислувања, со кои меѓусебно се обвинуваат или одбрануваат,
16. за оној ден, кога, според моето Евангелие, Бог преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето.
17. Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш,
18. и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот,
19. и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак;
20. наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот.
21. Но, како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш?
22. Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмовите;
23. ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, зарем не Го срамотиш Бога?
24. „Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците“, – така стои напишано.
25. Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот. Ако, пак, правиш престапи против Законот, обрезанието твое станува необрезание.