поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Римјаните 2 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Праведноста на Божјиот суд

1. И така, немаш изговор, о човеку, кој и да си ти, зашто со каков суд судиш друг, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото.

2. А знаеме дека Божјиот суд, кој, паѓа врз оние кои вршат такви работи е според вистината.

3. Зар мислиш, о човеку, дека ќе го из­бегнеш Божјиот суд ти, кој ги осудуваш оние што прават такви работи, какви што правиш и сам?

4. Или, пак, го презираш богатството на Божјата благост, стрпливост и дол­го­трпеливост, не разбирајќи дека Бож­јата благост те води кон покајување?

5. Но, поради твојата тврдокорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие пра­ведниот суд од Бога,

6. Кој секому ќе му даде според не­го­вите дела:

7. живот вечен на оние кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост;

8. јарост, пак, и гнев на оние што ѝ се непокорни на вистината, а ѝ се покоруваат на неправдата.

9. Неволја и мака за секоја човечка ду­ша која прави зло, пред сѐ за Јудеец, а исто така и за Елин;

10. слава и чест и мир на секој што прави добро, пред сѐ за Јудеец, а исто така и за Елин!

11. Зашто Бог не е пристрасен.

12. Оние што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а оние што згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат и судени,

13. бидејќи пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот.

14. Зашто секогаш кога незнабошците, кои немаат Закон, природно ги из­вр­шу­ваат одредбите на Законот, тогаш тие, иако немаат Закон, се Закон на самите себе;

15. тие докажуваат дека делото на Законот е запишано во нивните срца, за што сведочи и нивната совест, а и нив­ните внатрешни размислувања, со кои меѓусебно се обвинуваат или одбрануваат,

16. за оној ден, кога, според моето Евангелие, Бог преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето.

Јудејците и Законот

17. Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фа­лиш,

18. и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот,

19. и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак;

20. наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот.

21. Но, како е можно тоа да учиш дру­ги, а себе самиот да не се учиш?

22. Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од хра­мо­вите;

23. ти, кој се фалиш со Законот, а прес­тапувајќи го Законот, зарем не Го сра­мотиш Бога?

24. „Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците“, – така стои напишано.

25. Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот. Ако, пак, правиш престапи против Законот, обре­занието твое станува необрезание.

26. И така, ако необрезаниот ги пази одредбите на Законот, тогаш нема ли неговото необрезание да се смета како обрезание?

27. И необрезаниот по тело, из­вр­шу­вај­ќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој и покрај Писмо и обрезание си ста­нал престапник на Законот?

28. Зашто не е прав Јудеец оној, кој е таков по надворешност, ниту право обрезание она, кое е надворешно, врз телото,

29. туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква. Неговата пофалба не потекнува од луѓето, туку од Бога.