Нов Завет

Матеј 8:18-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

18. Кога виде Исус околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.

19. И откако пристапи до Исус еден книжник, му рече: „Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“

20. А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“

21. Друг, пак, од учениците Негови Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“

22. Но Исус му рече: „Врви по мене и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“

23. И кога Тој влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.

24. И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше.

25. Тогаш учениците пријдоа до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“

26. А Тој им рече: „Зошто сте плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

27. А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“

28. И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесомачни, кои излегуваа од гробовите; беа толку лоши што никој не можеше да мине по тој пат.

29. И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“

30. А далеку од нив пасеше големо крдо свињи.

31. И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да вле­зе­ме во крдоно свињи!“

32. И Тој им рече: „Отидете!“ И тие откако излегоа, отидоа во свињите. И одеднаш целото крдо свињи јурна низ стрмнината во морето и се издавија во водата.

33. А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за бесомачните.

34. И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и кога Го видоа, Го замолија да си замине од нивниот крај.

Прочитајте целосна глава Матеј 8