9. „Туку вие молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;
10. да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;
11. лебот наш насушен дај ни го денес;
12. и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници;
13. и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!
14. Бидејќи, ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен.
15. Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки.“
16. „Кога постите, не бидете натажени како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда.
17. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,
18. па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“
19. „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;
20. но собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат.