Нов Завет

Матеј 6:4-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. за да биде твојата милостина во тајност; и тогаш, твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“

5. „И кога се молиш, не биди како лицемерите, кои сакаат по синагогите и крстопатите да стојат и да се молат за да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата награда.

6. Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

7. Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени;

8. вие, пак, не бидете како нив, зашто вашиот Отец знае од што имате потреба уште пред да Го помолите.“

9. „Туку вие молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;

10. да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;

11. лебот наш насушен дај ни го денес;

12. и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници;

13. и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!

14. Бидејќи, ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен.

15. Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки.“

16. „Кога постите, не бидете натажени како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда.

17. А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,

18. па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“

19. „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;

20. но собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат.

21. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.“

22. „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло;

Прочитајте целосна глава Матеј 6