8. Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9. Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
10. Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!
11. Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – заради Мене!
12. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“
13. „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.
14. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.
15. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.
16. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!“
17. „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.
18. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!