Нов Завет

Матеј 5:11-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – заради Мене!

12. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“

13. „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.

14. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.

15. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.

16. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!“

17. „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.

18. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!

19. И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно.

20. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“

21. „Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој убие, виновен е пред судот.‘

22. Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, виновен е пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, виновен е пред Синедрионот; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, виновен е за во пеколот.

Прочитајте целосна глава Матеј 5