Нов Завет

Матеј 5:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, учениците Негови се приближија до Него.

2. И откако ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:

3. „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!

4. Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!

5. Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

6. Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!

7. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

8. Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!

9. Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

10. Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!

11. Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – заради Мене!

12. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“

13. „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.

14. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.

15. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.

Прочитајте целосна глава Матеј 5