Нов Завет

Матеј 27:50-64 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

50. А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот.

51. И ете, се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи се распаднаа;

52. и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;

53. па кога излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина.

54. А стотникот и оние што со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“

55. Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, коишто врвеа по Исус од Галилеја и Му служеа.

56. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.

57. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус;

58. тој отиде кај Пилат и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото.

59. А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно,

60. и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во камен; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.

61. А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.

62. Утредента, пак, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат,

63. и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘

64. Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“

Прочитајте целосна глава Матеј 27