38. Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.
39. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40. и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“
41. Исто така и првосвештениците, книжниците, старешините и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42. „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Тој Цар Израилев, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“
44. Така и разбојниците, распнати со Него, Го исмејуваа.
45. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
46. а околу деветтиот час извика Исус со силен глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“
47. А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“
48. И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.