32. На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
33. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница,
34. Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие.
35. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка;
36. па седеа таму и Го чуваа;
37. и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“
38. Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.
39. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40. и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“
41. Исто така и првосвештениците, книжниците, старешините и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42. „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Тој Цар Израилев, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“
44. Така и разбојниците, распнати со Него, Го исмејуваа.
45. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
46. а околу деветтиот час извика Исус со силен глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“