26. Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.
27. Потоа војниците на управникот Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,
28. па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;
29. исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и поклонувајќи се на колена пред Него, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
30. И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.
31. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
32. На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
33. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница,
34. Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие.
35. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка;
36. па седеа таму и Го чуваа;
37. и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“
38. Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.
39. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40. и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“
41. Исто така и првосвештениците, книжниците, старешините и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42. „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Тој Цар Израилев, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“